Покана за учество – реферати и панели: „Дислокации и културни конфликти: миграции, дијаспора, тероризам, граници (МДТГ)“

MDTB Conference 2016

Центар за култура и културолошки студии (ЦККС)
Покана за учество – реферати и панели

Четврта годишна меѓународна конференција на ЦККС 2016
„Дислокации и културни конфликти: миграции, дијаспора, тероризам, граници (МДТГ)“

1-3 септември 2016, Скопје
Краен рок за пријавување: 15 март 2016 година (Рокот е продолжен до 1 април 2016)
Краен рок за испраќање на прифатените текстови: 15 декември 2016

Центарот за култура и културолошки студии ја организира Четвртата годишна меѓународна конференција на ЦККС 2016: “Дислокации и културни конфликти: миграции, дијаспора, тероризам, граници (МДТГ)”.
Човековото движење, во рамките на и преку националните граници, е реалност, како во минатото така и во нашите сегашни контексти. Денес миграциите носат сериозни импликации.
Во текот на човековата историја и цивилизација, а и денес, најчестите причини за миграциите се согледуваат во желбата да се подобри квалитетот на живот, да се подобри економската состојба, а неретко, тие се резултат на напорите да се одржи сопствениот живот. Односно, тие се своевиден одговор на етничките и идеолошките конфликти, сиромаштијата и невработеноста, природните катастрофи итн. Оттука, може да се заклучи дека миграциите се резултат на различни социо-економски, политички, етнички, воени, идеолошки, па дури и еколошки фактори.
Со текот на годините проучувањата на миграциите еволуираат. Интензивните академски истражувања започнуваат во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, кога главно се фокусираат на животот на дијаспората и загубата што се јавува како последица. Постепено, истражувањата за миграциите се насочуваат кон прашањата за нивната интеракција со информатичката и комуникациската технологија, со медиумите, науката, мрежите и методите на пренос на знаењето. Денес, значењето на проучувањето на миграциите произлегува од сознанието дека тие, исто така, се дел од конфликтите и од политичките проблеми.
Миграциите можат да бидат проучувани од различни теоретски практики. Конференцијата се стреми да даде увид во различните дисциплини кои се занимаваат со ова прашање и да ги обедини истражувачите од економските, правните, политичките науки, историчарите, антрополозите, социолозите и социјалните психолози, истражувачите кои се занимаваат со културолошките студии, науката за литературата, уметноста и медиумите, како и практичари од други дисциплини, со цел да се истражи како миграциите влијаат на верувањата, обичаите, секојдневните практики, институциите, политиките и законите и обратно, како сите овие фактори каузално влијаат врз искуството и однесувањето на имигрантите и граѓаните на земјата-домаќин, на етничките малцинства и на мнозинствата. Цел на конференцијата е да посочи на различните теоретски дискурси кои на темата ѝ пристапуваат од различни аспекти, како:

  • поларизацијата на светот;
  • заканите по мирот и безбедноста;
  • прашањата за глобалниот диверзитет;
  • социо-економската нееднаквост;
  • културните промени и така натаму.

Без оглед на причините за миграциите, тие носат сериозни промени кои влијаат на општествата, предизвикувајќи ги да ги ре-осмислуваат релациите меѓу „нашето“ и „туѓото“, општествените, економските, културните и други разлики, односите меѓу дијаспората и матичната земја, границите итн. Тие имаат сериозно влијание и врз дефинирањето на општествата како транснационални.
Миграциите денес, како глобален процес, можат да се поимаат и како можност и како предизвик. Додека добро менаџираните миграции можат да го поттикнат социо-економскиот развој и да донесат нови можности и во татковината на мигрантите и во земјата-домаќин, малверзациите со миграциите и мигрантите можат да резултираат со ризикување на социјалната кохезија, безбедноста и суверенитетот.
Современите дискурси за развој често претпоставуваат дека мигрантите од земјите во развој се „агенси на развојот”, бидејќи процесот на миграција го олеснува преносот на вештини, знаења, инвестиции, културни добра, начинот на живот, колективните спомени итн. на новите локации. Мешањето на културите и културните обрасци придонесува за поголемо запознавање на вредносните системи на Другиот и за збогатување на домицилната култура.
Од друга страна, навлегувањето на културата на Другиот преку процесите на миграција го зголемува чувството на страв и загрозеност на посебноста на сопствениот, национален идентитет на земјата-домаќин. Тоа предизвикува низа конфликтни ситуации.
Мигрантите често се ставаат во центарот на вниманието поради нивниот наводен недостиг на лојалност кон земјите-домаќини. Тие може да биде сфатени како групи кои ѝ се закануваат на националната безбедност. Со оглед на последните терористички напади, јавното мислење (особено во земјите од т.н. Прв свет), постепено почнува да ја идентификува миграцијата со тероризмот. Оттука, неретко, мигрантите, бегалците и терористите не се набљудуваат како посебни категории, туку се поистоветуваат. Конфликтите, борбата за демократија и барањето слобода од режимите како домино ефект ги произведе и масовните миграции. Тоа придонесе внатре, во општествата каде се населуваат мигрантите да се градат бариери врз основа на религиозни, културни и др. верувања, па културната заднина станува едно од најактуелните прашања. Приливот на мигранти е погодна почва за појава на организиран криминал и тероризам, зашто, организираниот криминал е секогаш жив на териториите со конфликт. Оттука мигрантите се поврзуваат и со терориризмот. Денешните сознанија велат дека промислувањето на тероризмот не може да се стави само во правни рамки, зашто овој феномен, низ времето и просторот, добива различни културни, историски и социо-политички контексти. Но, неспорен е фактот дека основните објекти на модерната држава: демократијата, државната безбедност, владеењето на правото, суверенитетот и интегритетот, основните човекови права и сл. се под удар на тероризмот

Оттука, на Конференцијата се добредојдени истражувачи со различни концептуализации на темата „Дислокации и културни конфликти: миграции, дијаспора, тероризам, граници“.

Tемите можат да ги вклучуваат, но не се ограничени на, следниве области:

Миграции, мигранти, дијаспора

  • Основни проблеми во миграциските движења;
  • Идни проблеми во миграциските движења;
  • Разликите мигранти – бегалци;
  • Мигрантите/бегалците и граѓанските права и слободи;
  • Дијаспората и релацијата: стара татковина – земја-домаќин (Дијаспората и културната меморија, Дијаспората и економските влијанија, Дијаспората како пример за „добри практики“ во земјата-домаќин, Улогата на дијаспората во градењето на националната држава);
  • Улогата на мигрантите/дијаспората во меѓународната политика;
  • Негативните реакции на зголемувањето на дијаспората;
  • Миграции/дијаспора и идентитет (Променливи идентитети, Трансформација на идентитети – хибридизација, креолизација и вкрстување);
  • Миграции/дијаспора и граници (Глобално/локално/глокално, Трет простор, Надминување на границите на јавниот и приватниот простор);
  • Културни практики, верувања и обичаи на мигрантите/дијаспората;
  • Мигранти, дијаспора и религија.

Тероризам

  • Правната историја на инкриминацијата на тероризмот;
  • Правната историја на антитерористичката легислатива и нејзиното влијание на граѓанските права и слободи;
  • Тероризмот како закана на општествениот поредок заснован врз владеењето на правото;
  • Борбата против тероризмот и граѓанските права и слободи;
  • Целисходноста/ефективноста на дијалогот и помирувањето во борбата против тероризмот;
  • Пошироки прашања поврзани со асиметричните конфликти;
  • Тортурата како алатка на тероризмот;
  • Терористичкиот дискурс и културните конструкции;
  • Тероризмот, економијата и социјалните промени;
  • Тероризмот и родовата проблематика;
  • Киберпросторот, киберсигурноста и тероризмот
  • МДТГ, кризните состојби и војната;
  • МДТГ и реализираните терористички напади;
  • МДТГ и нивната рецепција во земјата-домаќин по реализиран терористички напад.

Репрезентации на МДТГ во уметностите и медиумите

  • Литературни дислокации (Литературата на мигрантите, Литературниот номадизам, Литературата и границите, Поетиката на егзилот, Миграциските идентитети, Артикулациите на невдоменоста;
  • МДТГ во изведувачките уметности ;
  • МДТГ во музиката (Релацијата: миграции, движење и културната дијаспора низ призмата на музиката на мигрантите, Хуманитарни концерти, Отпорот и музиката);
  • МДТГ во видеото и мултимедијата;
  • МДТГ во медиумите;
  • Културната конструкција и консумација на терористичкиот дискурс.

МДТГ и лингвистика

  • Јазична адаптација на мигрантите во туѓојазична средина: фонетика, лексика, синтакса, култура на говорот;
  • Специфичност на проблемот на интеркултурната комуникација на мигрантите;
  • Проблемите на јазичната компетенција во услови на миграциски процеси и адаптација на мигрантите;
  • Начини за надминување на јазичните бариери во процесот на адаптација на мигрантите во туѓа културна средина;
  • Проблемите на јазичната самоидентификацијата на населението во пограничните зони во услови на мултиетничност;
  • Природен билингвизам во услови на миграција

МДТГ и историјата/меморијата/културно наследство

  • МДТГ и различните историски нарации;
  • МДТГ и прашањето за заборавањето / помирувањето;
  • МДТГ и традиционалните стереотипи;
  • Сеќавања за МДТГ
  • МДТГ и културното наследство (Дислокација на културното наследство, МДТГ и музеите).

Четвртата годишна меѓународна конференција на ЦККС 2016: „Дислокации и културни конфликти: миграции, дијаспора, тероризам, граници (МДТГ)“ го поздравува учеството на истражувачи на културата, литературата, историјата, филозофијата, уметноста, религијата, социологијата, медиумите, како и сите кои се интересираат за темата. Добредојдени се апстракти кои се однесуваат на темата на конференцијата, но и на пошироката област на проучување на МДТГ.

Календар на конференцијата

15 март 2016: Краен рок за испраќање на апстрактите (Рокот е продолжен до 1 април 2016)
Крај на март 2016: Информации за прифатените апстракти
15 август 2016: Финална програма на конференцијата
1-3 септември 2016: Одржување на конференцијата
4-6 септември 2016: Екскурзија во Охрид (по избор)
15 декември 2016: Краен рок за испраќање на рефератите
1 април 2017: Резултати од рецензирањето на рефератите
до крајот на 2017: Објавување на позитивно рецензираните реферати

Пропозиции

Предлози за реферати
Доколку сакате да учествувате со реферат, ве молиме пополнете го образецот. Доколку имате проблеми со online регистрацијата, преземете го образецот (MS WORD формат), пополнете го и испратете го по електронска пошта на conference@cultcenter.net.
Апстрактот за реферати не треба да биде поголем од 250 збора (1720 знака).
Предлози за панели
Добредојдени се предлози за панели, особено оние организирани од меѓународно признати експерти чија цел е да обединат група истражувачи околу една тема. Со тоа, ќе се постигне интеракција меѓу панелистите и другите учесници на конференцијата. Панелите се важен дел од Конференцијата.
Доколку сакате да предложите панел, ве молиме пополнете го образецот. Доколку имате проблеми со online регистрацијата, преземете го образецот (MS WORD формат), пополнете го и испратете го по електронска пошта на conference@cultcenter.net.
Апстрактот за панели не треба да биде поголем од 250 збора (1720 знака).
Апстрактите можат да бидат пратени на англиски, руски или македонски јазик, во зависност од јазикот на кој ќе се презентира рефератот.

Процес на селекција и објавување на рефератите

Секој учесник на конференцијата има 15 минути за презентација на рефератот. За секоја презентација се одвоени и пет минути за дискусија.
Рефератите мора да се оригинални и да не бидат претходно објавени или презентирани на друга конференција.
Апстрактите ќе бидат евалуирани од организацискиот одбор на конференцијата, во согласност меѓународните стандарди за научни публикации.
Рефератите кои ќе добијат позитивна оценка во процесот на рецензирање, ќе бидат објавени во електронското рецензирано списание Investigating Culture, во текот на 2017 година.
Селектирани реферати со висок импакт ќе бидат објавени во меѓународното рецензирано списание Култура/Culture (печатена и електронска верзија). Селекцијата на рефератите ќе се одвива преку процесот на рецензија, како и за време на презентациите на конференцијата. Финалната одлука за селекцијата на рефератите ќе биде базирана на извештаите на рецензентите.

Котизација

Регистрација до 1 мај 2016: 50 € (за членовите на Мрежата за култура и културолошки студии – 25 €)
Регистрација 2 мај – 15 јуни 2016: 70 € (за членовите на Мрежата за култура и културолошки студии – 40 €)
Регистрација за време на конференцијата (или по 15 јуни 2016): 90 € (за членовите на Мрежата за култура и културолошки студии – 60 €)
Доколку презентациите имаат повеќе автори, котизацијата се однесува за секој посебно, за да се покријат трошоците за материјали.
Котизацијата вклучува конференциски материјали, опрема за презентирање, освежување меѓу сесиите, коктел за добредојде, електронска Книга на апстракти, рецензирање на рефератите и објавување на прифатените реферати.
Транспортот и сместувањето се на сметка на учесниците.
Контакт: conference@cultcenter.net

Преземете ја поканата