„Креативни точки 2017“ програма и учесници

Кретивни точки 2017 покана
Манифестацијата Креативни точки која, се одржува по трет пат и веќе можеме да кажеме дека е традиционална, е дел од програмата на Центарот за култура и културолошки студии Културата како стил на живеење. Средбите во Лешочкиот манастир се реализираат во соработка со Женскиот хор „Менада“ од Тетово. Како проектна активност на Центарот, манифестацијата има општа цел да го зголеми интересот на широката публика за творештвото на младите македонски уметници со посебен акцент на книжевното творештво. Посебните цели на манифестацијата се:

  • да предложи, организира и реализира нови форми на презентација на уметничкото творештво на младите автори во Македонија со кои ќе се придонесе за негова промоција и помасовна рецепција;
  • на креативен и практичен начин да ги продлабочи и преиспита релациите меѓу уметностите;
  • да поттикне уметнички практики кои ќе експериментираат со жанровските граници и границите меѓу уметностите

Во рамките на манифестацијата се предвидува и книжевна трибина на тема која произлегува од претставените книжевни творби. Констатацијата дека живееме во ерата на визуелното, придонесува за сè поголемо потиснување на невизуелните уметнички форми какви што се одредени видови на книжевност и музика. По­а­­ѓај­ќи од уверувањето дека тие се важен дел на човековата креативност, место каде што се задоволуваат колку естетските толку и сознајните потреби на луѓето, сметаме дека тие се незаменливо дел од духовна изградба на луѓето. Уверени сме дека елементите кои го сочинуваат проектот Креативни точки се актуелни и ќе придонесат за:

  • меѓусебно подобро запознавање на уметниците кои творат во различни форми на уметнички израз и експресија,
  • инволвирање на широката публика во процесот на создавање уметнички вредности и
  • надминување на класичните пристапи во презентација на уметноста и промовирање на интермедијалниот пристап во културата.

Поширокото прифаќање на идејата ни дава за право да се надеваме дека оваа манифестација веќе станува традиционална и ги дава очекуваните резултати.

проф. д-р Лорета Георгиевска – Јаковлева
претседателка на ЦККС

Програма „Креативни точки 2017“
22 септември 2017 (петок)

12.00 Литературно – музички jam session 1

Литературно – музичкиот jam session е замислен како можност слободно и креативно да се импровизира и да се презентира уметноста. Учесниците ќе импровизираат со литература (сите жанри) и со музика.

19.00 Манифестација Креативни точки

Настапи на Петар Андоновски; Митко Апостолов; Митко Гогов; Катерина Гогова; Ана Голејшка; Живко Грозданоски; Дарјан Данески; Душко Дембоски; Ѓоко Здравески; Јован Илиески; Елена Карапејовска; Владимир Лукаш; Калина Малеска; Драгана Марковиќ; Марта Маркоска; Ивона Нацевска; Фросина Пармаковска; Елена Пренџова; Перо Сарџоски; Биљана Стојановска; Небoјша Стојаноски; Снежана Стојчевска; Колос Цури.

21.00 Дружење

23 септември 2017 (сабота)

10:00 Трибина „Интермедијалноста како алтернативна можност за презентирање на уметничките идеи на младите автори“.

Модератор: проф. д-р Лорета Георгиевска – Јаковлева

14.00 Литературно – музички jam session 2

ЦККС

Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) е формиран во октомври 2013 година, со цел да ги поттикнува креативните активности, новите културни облици и практики и да ги стимулира „Креативни точки 2015“квалитетните културни и уметнички продукции; да обезбедува одржлив развој на културата, да ја поттикнува заштитата на културното наследство и старите занаети; да го поттикнува економскиот развој преку културните и креативните; да се залага за развивање на квалитетни културни политики и да ги засилува мултикултурните и интеркултурните врски. ЦККС се стреми да прерасне во препознатлива, непрофитна организација, поврзана со други организации во земјава и светот, чија насока на делување е преку културата, културните практики и истражувачки проекти да придонесуваат за демократизација на општеството и негов економски раст.
За да ги постигне своите цели ЦККС:

  • ја организира Меѓународната научна годишна конференција на ЦККС;
  • ја разви Мрежата за култура и културолошки студии и интензицно ја негува меѓународната соработка, каква што е на пр. соработката со Словачката академија на науките и уметностите; „Reseau Culturel Europeen De Cooperation Au Developpement“, Париз; „Екоарт – ЕХО“, Скопје; „Дискурс“, Белград; како и редица универзитети од Балканот и Европа.
  • ја реализира програмата Културата како стил на живеење, во чии рамки се организираа настаните: Разговор со Гоце Смилевски, изложбата „Екоарт – Ехо“, претставување на книгата на Марта Маркоска „Стрмоглаво кон височините“, манифестацијата Креативни точки;
  • реализира проекти какви што се: „Опсегот и значењето на поимот европски вредности во македонските печатени медиуми“ , „Репрезентација на Холокаустот на Балканот во уметностите и медиумите“ (во соработка со здружението Дискурс, поддржан од Светското здружение на Евреите), „Креативни економии: ново знаење за нови иницијативи“ (поддржан од Министерството за култура на РМ), истражувањето: „Европскиот образовен простор и високото образование во РМ“ и организира работилници за стекнување на креативни вештини како кај младите, така и кај стари лица, какви што се: „И старите можат!“; „Меѓугенерациски трансфер на традиционални знаења и вештини: дизајн и изработка на сувенири“ и др.
  • реализира работилници, како: „Критичкото мислење и критичката теорија во креативните практики“ (реализирана во рамки на проектот „Креативна младина“. подржан од USAID) и „Заштита на старите занаети – филцање“; „Поттикнување на преносот на традицијата на помладите: мартинката извор на информации за начинот на живеење“.
  • реализира богата издавачка дејност преку издавачката куќа МИ-АН, а посебен сегмент од дејноста е издавање на печатеното и електронското меѓународно рецензирано списание Култура/Culture (објавува трудови на македонски, англиски и руски јазик) и електронското меѓународно рецензирано списание Investigating Culture.
„МЕНАДА“

„Менада“ е женски младински хор од Тетово, основан 1981 година од страна на д-р Ивица Зориќ. На репертоарот хорот има околу 300 композиции од ренесансата, преку класика, македонскиот музички фолклор до евергрин „Менада“композиции и современи композиции. Голем број македонски композитори посветиле свои дела за хорот „Менада”. Хорот гостувал во 20 земји на бројни натпревари и фестивали. На Републичкиот фестивал на младински пионерски хорови во Кавадарци, со младинскиот женски хор „Менада” освоил единаесет златни плакети во 1982,1984, 1986, 1990, 1992, 1994, 1996, 1998, 2000, 2004 и 2006 година. Како афирмиран и потврден музички уметник македонската музичка култура ја презентира на меѓународни хорски натпревари во странствo каде ги освојува следните награди:

  • прва награда, Добрич, Бугарија,1995 година;
  • две втори награди, Литомишл, Чешка, 1995 година;
  • прва и втора награда, Гисен, Германија, 1997 година;
  • втора награда, Цеље, Словенија, 1981 година;
  • трета награда, Цеље, Словенија, 1987 година;
  • втора награда, Превеза, Грција, 1996 година;
  • трета награда, Превеза, Грција, 1998 година;
  • две први награди, Бад Ишл, Австрија, 2001 година;
  • Гранд-При, Бад Ишл, Австрија, 2001 година;
  • награда на Град Берлин, 2001 година;
  • две први награди, Меѓународен Охридски Фестивал во 2009 година;
  • Трета награда Меѓународен хорски фестивал Драган Шуплевски во Скопје, во 2002 година.

Во 2012 година учествувал на меѓународниот хорски фестивал во Римини, Италија, на кој освоил една втора и една трета награда. Во 2015 година хорот учествувал на меѓународниот фестивал во Италија, Алта Пустерија, на кој настапиле 73 хорови од повеќе држави. Хорот повеќе пати настапил со Македонската филхармонија и издал повеќе аудио и ЦД записи. Добитник е на наградата „19 Ноември“ на град Тетово, , како и наградата “Кирил Пејчиновиќ”. Многу од македонските композитори посветиле голем број на свои дела за хорот „Менада“

Петар Андоновски

Петар АндоновскиПетар Андоновски (1987, Куманово) автор е на книгите: ,,Ментален простор” (поезија, 2008), ,,Очи со боја на чевли” (роман, 2013, второ и трето издание 2016), ,,Телото во кое треба да се живее” (роман, 2015, второ и трето издание 2016). За романот ,,Телото во кое треба да се живее” ја доби наградата Роман на година на Утрински весник.

Митко Апостолов

Митко АпостоловМитко Апостолов е роден на 01.08.1987 година во Тетово. Дипломира на Машински факултет – Скопје. Почнува да пишува поезија и кратка проза на blog.mk. Негови песни и кратки раскази се објавени во списанијата „Акт“ и „Чивилук“. Во 2016 настапува на XV Меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде е објавен во антологијата на словенечки јазик „Фестивал на антологија на изворна и преведена европска поезија на 21-от век“. Застапен е во зборникот од 2015 година од глобалната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“, како и во алманахот од интернационалниот фестивал „Литературни искри“ од Гостивар за 2016 година. Добитник е на наградата „Антологија на болката“ за најдобра дебитантска и необјавена поетска збирка од современ македонски поет на 54. Рацинови средби за 2017 година со што излегува од печат неговата прва стихозбирка „Тело одречено од пливање“. Учествувал на повеќе поетски читања меѓу кои и „Астални проекции“. Живее и работи во Скопје.

Митко Гогов

Mитко ГоговMитко Гогов е роден 1983 година во Скопје, Македонија. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга кои ги објавува повремено на микроблогосферата Twitter. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и умет­ност во Индија, Пакистан, Филипините, САД, Русија, Аргентина, Ита­ли­ја, Шпанија, Чешка, Германија, Мексико, Србија, Хрватска, Албанија, Бугаријa. Актуелен со неговата стихозбирка „Ледена вода“ издадена во Србија (2011) и во Македонија, во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа Антолог (2014). Младински работник и активист, концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, пер­фор­ман­си, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Нор­веш­ка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија. Претседател на здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, организатор на глобалната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“ во Македонија, уредник на strumicaonline.net и reper.net.mk. Организира културни и арт-настани, соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали. Блогер, секогаш отворен за комуникација.

Катерина Гогова

Катерина ГоговаКатерина Гогова е родена на 08.03.1989 година во Гевгелија. Родум е од Дојран. Повеќе од три години работи во програмата намалување на штети кај корисници на дроги и е дел од тимот на Healthy Options Project Skopje, каде го насочува својот потенцијал во активизмот и секојдневно соочување со предизвиците кои ги носи работата со маргинализирани групи на луѓе. Студент е на Ме­ди­цин­скиот факултет во Скопје. Гогова е добитничка на поетски награди меѓу кои втора награда на Iнтернационалниот поетски фестивал „Литературни искри“ од Гостивар за 2015 година. Учествувала на повеќе поетски читања и е застапена во електронските изданија на глобалната манифестација „100 Илјади поети за промена“ за 2015 и 2016 година, како и во антологиската збирка „Метрички ка­ра­ван: Гевгелија-Битола за 2017 година, проект на библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија.

Ана Голејшка

Ана ГолејшкаАна Голејшка, родена на 8.8 1987. Дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, (не)случаен поет, љубител на перформансот, градот и уживањата низ него. Осцилира низ книжевната сцена, често како интерпретатор на стихови, свои и туѓи. Настапувала на многу поетски читања, а имала свој настап и на Струшките вечери 2011, на Ноќи без интерпункција. Нејзини дела се најдоа во изборот на Антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“, (2012), „Антологијата на млада македонска современа авангардна поезија“ (20012) и „Лирски до­де­ка­мерон – антологија на младата македонска поезија“ (2012) и во многу други. Во септември 2013 ја издаде својата прва книга “Љубов на улица”, поезија за ритамот на нејзиниот живот. Објавувана е на неколку портали како дел од книжевните текови, со свои поеми и видувања за поезијата. Во јуни 2014 чита поезија на Метелкова на покана на Љубљанскиот поетски фестивал “Mladi Rime”. Во слободно време пишува каде стигне, најчесто на социјалните мрежи. Дел е од граѓанската иницијатива Ретвитни Оброк и социјален активист. Активно учест­ву­ва во градењето на книжевните читања „Астални проекции” и ја подготвува својата втора кни­га. Живее во Скопје.

Живко Грозданоски

Живко ГроздановскиЖивко Гроздановски е роден на 10 ноември 1986 година во Кичево. Со основно образование се здобива во Бигор Доленци и Ки­че­во, а со средно во американската гимназија „Нова“ во Скопје. Во 2005 година, во издание на гимназијата, излегува збирката поезија „Пе­сок и свила“. Во 2009 година завршува Италијански јазик и кни­жев­ност на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ис­та­та година, во едицијата „Магма“ од издавачката куќа „Темплум“, од пе­чат излегува првото издание на „Отпечатоци врз коцки мраз“, збир­ка кратка-кратка медитативна проза. Во 2011 година преку издавач­ка­та куќа „Антолог“ од печат излегува збирката раскази „Приказни за тревите и други приказни“. Во 2014 година, „Или-или“ го објавува романот (збирка од три новели) „Куфер за тројца“ кој ќе се најде во финалето на конкурсот „Роман на годината“. Во 2016 година, повторно во „Темплум“, од печат излегува второто и дополнето издание на „Отпечатоци врз коцки мраз“. Од италијански јазик ги има преведено есејот „Next – малечка книга за глобализацијата и за светот што доаѓа“ од Алесандро Барико („Антолог“, 2010), романот „Сенилност“ од Итало Звево („Темплум“, 2011), збирката новели „Кал“ од Николо Аманити („Магор“, 2013) и романот „Нешто напишано“ од Емануеле Треви („Магор“, 2015) и ја има препеано збирката „Коски од сепија“ од Еуџенио Монтале („Магор“, 2013 год.). Во 2007 година на филмскиот фестивал во Кан е прикажан неговиот краток документарец “In cage”, снимен во Косовска Митровица една година претходно.

Дарјан Данески

Дарјан ДанескиДарјан Данески е роден 1993 година. Завршил средно гимназиско образование во СГГУГС „Здравко Цветковски” – Скопје, додека факултетското образование го продолжува на филозофскиот фа­кул­тет во Скопје на отсекот по родови студии. Бил дел од повеќе поетски чи­тања, како во поетскиот, така и во музичкиот дел.

Душко Дембоски

Душко ДембоскиДушко Дембоски е роден во 1996 година во Скопје, живее во Тетово. Завршил основно и средно музичко училиште во ДМУ Тодор Ска­ловски – Тетоец , отсек пијано, во класата на проф. Ајхан Куртов. Дем­боски студира пијано на четврта година на ФМУ, Скопје во класата на проф. д-р Ана Гацева. Учествувал на повеќе натпревари од др­жа­вен и меѓународен карактер каде освојувал високи награди, од кои по­значајни се: прва награда на Меѓународниот натпревар на пи­ја­нис­ти Гевгелија 2011, лауреат II степен на Меѓународниот арт фес­ти­вал – натпревар Езерски бисери Струга 2011, втора награда на 9. Ин­тернационален натпревар Даворин Јенко, Белград 2012, Трет др­жа­вен натпрвар на млади музичари Скопје 2012 – втора награда, Бел­град Шопен фест 2013, Јапан пијано центар Љубљана 2013 – трета на­града, Меѓународен арт фестивал-наптревар Дојрана 2015 – спе­цијална награда Дојрана и други. Настапувал на 38-иот Меѓународен фестивал Денови на ма­кедонска музика, 2015 година, а забележува и успешни настапи во рамките на “MUSICA VIVA”.

Ѓоко Здравески

Ѓоко ЗдравескиЃоко Здравески е роден на Летник 1985 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш. Соработува со електронското списание Блесок (www.blesok.mk) како уредник за поезија и со електронскиот месечник за култура и уметност Репер (www.reper.net.mk). Од јуни 2014 година, заедно со Ана Голејшка, ги организира книжевните вечери Астални проекции, кои се случуваат секој прв вторник во месецот во кафето Менада. Пишува поезија, кратка проза и есеи. Има објавено четири книги поезија: „Палиндром со две н“ (2010), „куќичка за птици-преселници“ (2013), „љубавина“ (2016) и „дедикар икарал“ (2017). Преведуван е на десетина европски јазици и учествувал на десетина европски фестивали за поезија.

Јован Илиески

Јован ИлиескиЈован Илиески е роден на 28 ноември 1998 година. На свои 15 години ја издал првата книга „Душа на парче хартија“, а на 16 години, дебитантскиот роман „Кругот на животот“. Последно дело му е „Сенки на полноќ“. Преку својот блог „Белешките на Катерина Монсен“ на социјалните мрежи ги претставува дел од своите творби.

Елена Карапејовска

Елена КарапејовскаЕлена Карапејовска, студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Учествува на многубројни музички фестивали и ревијални концерти на млади музичари во Македонија и пошироко. Има настапувано и на концерти на Руска вечер, Патронати на Средното музичко училиште, Новогодишни концерти, настапи со хорови и пијано придружба, на презентација на книги и ликовни дела, учество на манифестации на Здружението на Срби и Хрвати, на Тетовскиот есенски фестивал, и др. Наградена е со две втори и една трета награда на државни и меѓународни натпревари по пијано во Скопје, Гевгелија и Аранѓеловац; една втора награда на меѓународен натпревар по теорија на музика и една прва награда на државен натпревар по теорија на музика, две специјални први и пет први награди на натпреварите по Солфеж, една прва и една втора награда на меѓународен натпревар по хармонија, како и една специјална прва награда на државен натпревар по хармонија.

Владимир Лукаш

Владимир ЛукашВладимир Лукаш е роден во далечната социјалистичка федеративна 1978 година, тогашна СР Македонија. Повремено е пантеист, повремено атеист – што го објаснува неговато дуалистичко незадоволство од сè и сешто. Има објавено две книги и една книгичка. Заработува како аниматор, илустратор и неограбувач на банки. Живее и работи во Скопје, сегашна Р. Македонија.

Калина Малеска

Калина МалескаКалина Малеска е македонска писателка и книжевна теоретичарка и критичарка родена во 1975 година во Скопје. Предава англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ – Скопје. Има издадено три збирки раскази: „Недоразбирања“ (Македонска книга, 1998), „Именување на инсектот“ (Слово, 2008) и „Мојот непријател Итар Пејо“ (ИЛИ-ИЛИ, 2016), романите „Бруно и боите“ (Слово, 2006) и „Призраци со срмени нишки“ (Слово, 2014), како и драмата „Случка меѓу настани (за Хипатија од Александрија)“ (Слово, 2010). Нејзини расказите се преведени на неколку јазици и објавени во повеќе списанија во Македонија и во странство. Се занимава и со преведувачка дејност, а некои од книжевните дела што ги превела се: „Она што беше небо“ од Владо Малески, „Тристрам “Шенди“ од Лоренс Стерн, „Сестрите Макиока“ од Џуничиро Танизаки, Собрани раскази“ од Амброуз Бирс.

Драгана Марковиќ

Дрaгaнa МaркoвиќДрaгaнa Мaркoвиќ e родена во Тетово во 1999 година. Студент на прва година на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Студира виолина вo клaсaта нa прoф. м-р Олег Koндрaтенкo. Учествувa нa мнoгубрoјни меѓунaрoдни мaстерклaсoви и семинaри пo виoлина (кај прoф. Oлег Кoндрaтенкo, прoф. Дејaн Михaилoвиќ, прoф. Емилиo Перцaн). Нaстaпувa кaкo дел oд програмата на Скoпскo и Oхридскo Летo. Нa држaвните и меѓунaрoдните нaтпревaри во Скопје, Битола, Ниш и Аранѓеловац, пo виoлинa, пијано и стручни музички предмети има добиено бројни награди. Исто така, таа е долгогодишен член на детскиот хор „Лале“. Подоцна преминува во женскиот младински хор „Менада“ од Тетово, под диригентство на проф. д-р Ивица Зориќ.

Марта Маркоска

Марта МаркоскаМарта Маркоска е родена на 29.06.1981 година, во Скопје. Дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала на Интердисциплинираните Културолошки студии во книжевноста, при Институтот за македонска литература во Скопје. Маркоска е член на Друштвото на писателите на Македонија и досега има девет авторски публикации: Книгата песни „Црни дупки во нас“ (II издание, македонска-англиска верзија, награда „Тодор Чаловски“, 2015); Книгата песни „Црни дупки во нас“ (награда „Бели мугри“, 2014); Книгата „Култура и меморија“ (културолошки студии), Матица, 2014; Научната студија „Расправа за Зен будизмот“ (религиско-филозофски трансценденции помеѓу источната и западната мисла), Матица, 2013; Книгата песни „Стрмоглаво кон височините“ (II издание, Магор, 2013); Книгата песни „Стрмоглаво кон височините“ (награда “Ацо Караманов”, 2012); Збирката есеи „Хипер Хипотези“ (Институт за македонска литература, 2011); Збирката раскази „Вител во Витлеем“ (Темплум, 2010) и Книгата песни „Сите притоки се слеваат во моето корито“ (Темплум, 2009). Маркоска е добитничка на наградите: Прва награда за најдобар расказ на конкурсот Електролит (Темплум / Маргина) за расказот „Што се случува кога го читате Фрејзер“ (2007), награда „Ацо Караманов“ (2012) за поетскиот ракопис „Стрмоглаво кон височините“; награда „Бели Мугри“ (2014), за поетскиот ракопис „Црни дупки во нас“, награда „Тодор Чаловски“ за поезија, есеистика, критика и креативни прозни форми, 2015 (прв лауреат); награда за краток расказ на Нова Македонија, за расказот „Височините на Феликс“ (2015).

Ивона Нацевска

Ивона НацевскаИвона Нацевска. Млад и надежен уметник кој своите афинитети кон музиката ги покажува од најрано детство. Со шест години станува најмлад член на детскиот хор „Лале“ подоцна и на ГЖМХ „Менада“. Средното образование го завршува во ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ Тетово отсек – соло пеење во класата на проф. Македонка Митреска. Остварува бројни настапи, а до сега има учествувано четири пати на државниот натпревар по соло пеење и има освоено три први награди и една специјална. Во моментов е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. м-р Славица Галиќ Петровска

Фросина Пармаковска

Фросина ПармаковскаФросина Пармаковска е родена во Скопје, 1985 година. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а магистрирала на Културолошки студии, на Институтот за македонска литература. Има објавувано раскази во македонски и странски списанија како Разгледи, Современост, Нова Македонија, Књижевно перо, Градина и други. Во 2013 година го објави својот прв роман „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). Наредната, 2014 година е објавен нејзиниот втор роман „Вишнова хроника“ (Или-Или) кој влегува во финалето за наградата Роман на годината на „Утрински весник“. Овој роман е преведен на бугарски и на украински јазик. Автор е на една книжевно-теориска книга со наслов „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“, 2016 год., во издание на Или-Или. Нејзиниот последен роман „Одбројување“ излезе во 2017, во издание на Или-Или.

Елена Пренџова

Елена ПренџоваЕлена Пренџова (1985). Слемерка. Феминистка. Политички коректна и искрено незаинтересирана за политика. Не сака да ја прашуваат каде оди, а уште помалку да објаснува зошто не кажува каде оди. Најдобро ѝ прилега сопствената кожа – па дури и одрана. Официјално: магистерка по книжевни науки, професорка по англиски јазик и книжевност и авторка на 6 поетски книги. Уредничка на книжевно списание и неколку антологии.

Перо Сарџоски

Перо СарџоскиПеро Сарџоски. Професор во Пегасус ЕЛС – Тетово, приватно училиште по англиски јазик, исто така книжевен преведувач (Ацо Шопов, Милан Ѓурчинов), поет („Карпа жива“, 2005), писател („Цветниот пат“, 2006), конференциски толкувач, и режисер на претстави за деца на англиски јазик. Во слободно време се занимава со видео продукција. Исто така е истражувач на скриени предели ширум Македонија и вљубеник во македонскиот мелос и народната традиција, инспирацијата ја црпи од богатото минато на оваа земја, но и од нејзината насушна сегашност.

Биљана Стојановска

Биљана СтојановскаБиљана Стојановска е родена 1984 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година излезе нејзината прва книга „Зборовите немаат значење“, во издание на „Антолог“. Работи како новинар во дневниот весник „Нова Македонија“.

Небoјша Стојаноски

Небојша СтојаноскиНебојша Стојаноски е роден во Тетово. Завршил на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Државниот ѕниверзитет во Тетово. Учествувал на конкурсот распишан од страна на литературното друштво ,,Кирил Пејчиновиќ“ од Тетово и освоил второ место. Објавил лирски минијатури во списанието „Тренд“. Исто така објавил драма во списанието „Тренд“ под наслов ,,Приказната на големиот господар“. Учествувал на колективната графичка изложба ,,Digital art exibitions“ во Тетово со свои творби. Небојша Стојаноски учествувал два пати на Македонскиот аматерски филмски фестивал и влегол во потесната конкуренција. Моментално се занимава со монтажа на видеа и правење анимации.

Снежана Стојчевска

Снежана СтојчевскаСнежана Стојчевска е родена 1980 година во Скопје. Дипломира на Инситутот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Веќе девет години работи во Квазар Филм како координатор на продукција. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на ИЛИ ИЛИ, како дел од едицијата Русалки во која се јавува како уредник. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели Мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата Кочо Рацин Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга „Модри фантазии“ во издание на издавачката куќа Темплум. Издавачката куќа Антолог ја издаде нејзината најнова книга “Треба да е лесно”. Застапена е во повеќе антологии на млада македонска поезија, како и во aнтологијата на aлбански јазик „Гласот на водата“ во рамките на Меѓународен поетски фестивал Деновите не Наим XIX издание во 2015. Во 2016 настапува на XV Меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде е објавена во антологија на словенечки јазик „Фестивална антологија на изворна и преведена европска поезија на 21-от век“. Застапена е во антологијата “Лирски додекамерон” приредена од Владимир Мартиновски, која покрај македонско доживеа и српско издание. Настапувала на повеќе поетски фестивали во земјава и странство.

Колос Цури

Колос ЦуриКолос Цури е роден во Скопје. На седум години се запишува во основно музичко училиште, а почнува да свири пијано од осум години. Во 2010 година се запишува во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. м-р Едита Хаџи-Хамза, каде завршува со одличен успех. Во 2014 година се запишува на Факултетот за музичка уметност – Скопје, во класата на проф. д-р Ана Гацева. Во текот на своето образование учествува на државни и меѓународни натпревари, каде има освоено бројни награди. Покрај тоа настапува со соло концерти, камерни состави и др.

Манифестацијата „Креативни точки е поодржана од Министерството за култура на РМ, во рамките на акцијата „Нов културен бран“.
Искрена благодарност на митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, игуменот Теодосиј и старешината Маријан од Лешочкиот манастир