„Креативни точки 2018“ и Зборник „Креативни точки“

На годинешниве „Креативни точки“ се промовираше и Зборникот „Креативни точки“ со дела на досегашните учесници.

Во „Менада“ во Скопје, на 5 октомври 2018 година, се одржа манифестацијата „Креативни точки“, во организација на Центарот за култура и културолошки студии, чија цел е промовирање на млади креативци и автори од областа на музиката, литературата и други уметности, а со цел нивна видливост и на нивните естетики и светогледи.

Манифестацијата вклучуваше литературно – музички jam session каде уметниците имаа можност креативно да се изразат и да експериментираат со границите на уметностите, а користејќи различни литературни и музички жанри. Притоа учество земаа Петар Андоновски, Митко Гогов, Митко Апостолов, Ана Голејшка, Катерина Гогова, Живко Грозданоски, Дарјан Данески, Ѓоко Здравески, Јован Илиески, Владимир Лукаш, Калина Малеска, Фросина Пармаковска, Перица Сарџоски, Билјана Стојановска, Небoјша Стојаноски, Снежана Стојчевска. На главната вечер, пак, одржана во Духовно-културениот центар „Кирил Пејчиновиќ“, покрај споменатите млади уметници кои читаа поезија, проза, драмски извадоци, а имаа и слем настапи, во музичкиот дел се претставија женскиот хор „Менада“ под диригентство на Ивица Зориќ, како и Душко Дембоски, Елена Карапејовска, Драгана Марковиќ, Ивона Нацевска, како и Колос Цури.

Во рамките на манифестацијата се одржа и трибината „Интермедијалноста како алтернативна можност за презентирање на уметничките идеи на младите автори“ чиј модератор беше проф. д-р Лорета Георгиевска – Јаковлева. Како што истакна Георгиевска-Јаковлева, нејзината цел е да се разменат мислења за литературните перспективи на интермедијалноста или интерартот, со цел да се посочи на искуството на практичарите. При тоа таа ја дефинираше интермедијалноста како концепти и практики кои ги преминуваат границите на еден медиум. Споменувајќи ги трите основни теоретски концепти за интермедијалноста: медумска транспозиција, медиумската комбинација и медумска референца, таа ги покани присутните да ги споделат своите искуства и евентуални точки на сопнување, и, евентуално да промислат одговори на прашањата: Што се менува во класичните уметнички форми и структури под влијание на хибридизацијата на медиумите, кои меѓурелации се поставуваат во уметностите, што денес е применливо и интересно од интермедијалноста во минатото (на пр. футуризмот)? Притоа, Митко Гогов посочи дека сè повеќе поезијата се среќава со интермедијалноста и наброја неколку примери од сопственото искуство, додека Живко Грозданоски зборуваше за односот меѓу литературниот автор и авторот на илустрацијата нагласувајќи дека тој однос некогаш е во полза на двајцата автори, односно тие се заеднички автори на литературното дело.

Манифестацијата „Креативни точки“ се реализираше со финансиска поддршка на Министерството за култура, а во рамките на проектот „Нов културен бран“.