
Возвишеното и поезијата е акрибична и научно фундирана книга
Возвишеното и поезијата е акрибична и научно фундирана книга во стилот на високиот степен на ерудиција на нејзиниот автор, повеќекратно потврдена во неговиот досегашен критичко-теориски опус. Како одличен познавач на естетско-философската мисла за феноменот на возвишеното, Џепароски суверено се движи низ најновите теориски сознанија на релевантни автори од втората половина на XX-иот и првите децении на XXI-от век, како што се: Ж. Дерида, Ж. Ф. Лиотар, Ф. Џејмисон, Т. Иглтон, Ж. Лакан, С. Жижек, С. Фриленд, Ј. П. Гринвуд, В. Моско и други.
Најновиот ракопис на нашиот еминентен естетичар и философ, поет, критичар, антологичар, преведувач и универзитетски професор Иван Џепароски, насловен Возвишеното и поезијата со поднаслов: „Возвишеното во современата македонска поезија“, претставува надоврзување и надоградување на клучните преокупации и интерпретативни стратегии на авторот разработени во неговиот богат и разновиден критичко-есеистички опус. Поконкретно, Возвишеното и поезијата се надоврзува на неговата студија Естетика на возвишеното објавена точно пред десет години (2008).
Композициски, ракописот содржи: воведен теориски текст за поезијата и возвишеното, толкувачко-интерпретативни студии за современи македонски автори и авторки од различни поетски генерации и со различен сензибилитет кои сè уште активно творат (Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Катица Ќулавкова, Славе Ѓ. Димоски, Владимир Мартиновски и Елена Пренџова), арспоетички блок од текстови заедно со едно интервју и додаток (библиографија и регистар на имиња). Ракописот е збогатен со две до три песни од авторите кои се предмет на критичко промислување и со десетина илустрации кои екфрастички се врзуваат за определени песни. Вака структурирана, книгата на Џепароски нуди вонреден пример за една мошне компактна, хомогена теориско-апликативна студија.