
Од Скупи до Скопје преку поезијата
Пет години по објавувањето на неговата поетска книга „Светлината на Света Гора“ (2015), за која ја доби нашата највисока поетска награда „Браќа Миладиновци“, Џепароски го менува топосот на своите поетски интереси посветувајќи ја книгата „Град“ на градот во кој го минал целиот свој живот – на градот Скопје. На епистемолошки план книгата ја следи траекторијата од времето на римско „Scupi”, преку скопскиот земјотрес од 1963 година, што авторот како петгодишно дете и самиот го доживеал, па сè до денешни дни, додека на формален план таа содржи елементи и на епската поезија – епската широчина, одмерениот ритам, повторувањето, но и на лирската поезија – интимната, социјалната и интелектуалната лирика.
„Кога во една научна или уметничка област ќе се појави нешто подруго и поинакво, нешто што досега е невидено во неа, тогаш сето внимание на нејзините истражувачи е свртено и сосредоточено токму на него. Тоа нешто, во нашиов случај е седмата по ред поетска книга на Иван Џепароски, „Град“. (…) Сега ни станува сосема јасна, дури и круцијална идејата на книгата песни (…) да создаде нешто што јас го нарекувам компаративна поезија, поезија која ги опфаќа и споредува времињата на Scupi, римскиот свет, и времињата на Скопје како нов македонски свет. Книгата „Град“ е книга на сосем поинакви песни. Таа блика со многустрани и разнострани знаења и познанија. Неа ја одликува високорафинирана култура, сфатена, доживеана и обликувана како поезија и рафинирана поезија, сфатена доживеана и обликувана како култура. (…) Се обидувам во еден лаконски стил да го соопштам мојот последен суд како заклучок за неговата поезија од оваа книга. Мислам дека е таа интегрална, сестрана и сеопфатна поезија.“ – вели академик Георги Старделов за книгата