Поезијата и возвишеното

Поезијата и возвишеното

Возвишеното и поезијата е акрибична и научно фундирана книга

Возвишеното и поезијата е акрибична и научно фундирана книга во стилот на високиот степен на ерудиција на нејзиниот автор, повеќекратно потврдена во неговиот досегашен критичко-теориски опус. Како одличен познавач на естетско-философската мисла за феноменот на возвишеното, Џепароски суверено се движи низ најновите теориски сознанија на релевантни автори од втората половина на XX-иот и првите децении на XXI-от век, како што се: Ж. Дерида, Ж. Ф. Лиотар, Ф. Џејмисон, Т. Иглтон, Ж. Лакан, С. Жижек, С. Фриленд, Ј. П. Гринвуд, В. Моско и други.

About the Book

Најновиот ракопис на нашиот еминентен естетичар и философ, поет, критичар, антологичар, преведувач и универзитетски професор Иван Џепароски, насловен Возвишеното и поезијата со поднаслов: „Возвишеното во современата македонска поезија“, претставува надоврзување и надоградување на клучните преокупации и интерпретативни стратегии на авторот разработени во неговиот богат и разновиден критичко-есеистички опус. Поконкретно, Возвишеното и поезијата се надоврзува на неговата студија Естетика на возвишеното објавена точно пред десет години (2008).
Композициски, ракописот содржи: воведен теориски текст за поезијата и возвишеното, толкувачко-интерпретативни студии за современи македонски автори и авторки од различни поетски генерации и со различен сензибилитет кои сè уште активно творат (Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Катица Ќулавкова, Славе Ѓ. Димоски, Владимир Мартиновски и Елена Пренџова), арспоетички блок од текстови заедно со едно интервју и додаток (библиографија и регистар на имиња). Ракописот е збогатен со две до три песни од авторите кои се предмет на критичко промислување и со десетина илустрации кои екфрастички се врзуваат за определени песни. Вака структурирана, книгата на Џепароски нуди вонреден пример за една мошне компактна, хомогена теориско-апликативна студија.

Details
Author: Иван Џепароски
Series: (С)мисла
Genre: Теорија
Publisher: Книгоиздателство МИ-АН
Publication Year: 2019
Format: А5
ISBN: 9789989191473
List Price: 400 ден.
Џепароски суверено се движи низ најновите теориски сознанија на релевантни автори од втората половина на XX-иот и првите децении на XXI-от век
– Лидија Капушевска-Дракулевска
Иван Џепароски

Иван (Ивица) Џепароски (1958, Скопје) е естетичар, теоретичар на културата, поет и критичар. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на триесет книги, и тоа: на седум поетски книги, на четиринаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија, на три поетски антологии и на шест теориско-есеистички избори. За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993) „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004-2009; 2013-2020) и секретар на Македонскиот П.Е.Н. Центар (1999-2001; 2008-2014). Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, итн. Неговата поезија и некои од неговите теориски дела се преведени во посебни книги на над дваесет странски јазици во светот, а избори од неговата поезија се објавени во одделни книги во превод на англиски, бугарски, српски, албански и романски јазик. Неговата антологија „Македонскиот есеј“ преведена е на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик, додека книгата „Уметничкото дело“ на албански јазик.