Генетика
на баба ми Н.
на внука ми Н.
Гените се боженствена работа
им се восхитувам на прецизноста
секој пат кога ќе ја погледнам внука ми
како да се гледам во огледало од минатото.
Не можам да ја карам,
имам чудно чувство како да се карам себеси
мала.
Не можам да не бидам милна со баба ми.
Убава си и велам на одење
и ја бакнувам во образот.
Будалче једно, стара сам – ми вели
и се насмевнува со истите зелени очи
под брчките.
Не можам да не ја забележам сличноста
како да се гледам во огледало од иднината.
Дај ми време
Надвор од оваа реалност
во некој паралелен универзум
можеби сме совршен пар.
Во некој паралелен универзум
имаме слика во рамка
над каминот во дневната соба.
Во овој сме само миговна слика
во излозите крај кои минуваме.