Оливера Ќорвезировска: Расказ

Поправка

Живеевме во две соби и во два јазика. Јас и маж ми во еден, речиси заеднички, децата во друг, знаен јазик само за нив. Ние го разбиравме нивниот, ама не го користевме. Тие го користеа нашиот, ама не го разбираа.
Нашата соба беше најмала, а со најголем кревет. Нивната беше совршено чиста и практична, со смерни кревети на извлекување. По потреба. Убава, модерна тач-технологија со антибактериски душеци и антиалергиски перници од микро влакна.
Во заедничкиот семеен простор влегуваа кујната, бањата и умисленото ходниче на кое сите гледавме како на затка, а тоа самото себеси се гледаше како некаков гала-свечен влез во којзнае што.
Главната ролја во сите наши семејни претстави речиси секогаш ја добиваа или фрижидерот или смарт бојлерот со светкав дисплеј, иако надолго и нашироко бевме разговарале со Режисерот, да им даде шанса и на другите понеафирмирани актери…
Мојот и на мажот ми јазикот немаше глаголи; сите дејства и состојби ги изразуваше со банални придавки и многу, многу заменки. За сѐ и сешто. Ние никогаш не дејствувавме – секогаш само заменувавме или подукрасувавме. Тези, вери, вини, осуди и разни други прекршоци. Во однос на јазикот на нашите деца, тој (нашиот речиси заеднички јазик) е рудиментирана средновековна форма на пост-витешка стварност. На него не може да се преведе ништо поново од почетокот на 21 век.
Пред да биде како што беше, да живееме во две соби и во два јазика, сите живеевме во една голема, заедничка тишина. Маж ми ја викаше хармонија, јас – казна или gjobë, како кога, а лексичкиот дијапазон за истото на нашите деца опфаќаше цели фрази и стручни дефиниции од сосем други регистри. На пример: Јунгов синхроницитет, интерференција на две намери и идиосинкразија кон зборовите воопшто и радикална идиосинкразија кон точно определени лексеми. Таа, нашата ќерка, органски не го поднесуваше зборот „Каурка“; Тој, нашиот син, беше особено чувствителен на „Шиптар“. Таа на „Скопје“, Тој на „Shkup“ и така во недоглед.
Живеевме во две соби и во два јазика. Недоразбрани. Недозборувани. Недосакани. Недомразени. Или со еден збор – блиски. За моите маж ми беше само Шиптар, за неговите јас бев само Каурка. Децата си беа само внуци. Над верата, над различноста. Нивната идиосинкразија, пак, беше радикална само со зборовите, не и со нивните значења.
21 век нѐ начека неподготвени. И нас, и нашите јазици, нашите соби и нашата пост-витешка стварност. Без апсолутно никаква контрола почнаа да ни влегуваа непоканети зборови и непорачани чувства. Први се повлекоа нашите два јазика, ослободувајќи простор за некој трет кој ниту го зборувавме, ниту го разбиравме. Потоа се откажаа и собите. Го напуштија нашиот дом, оставајќи простор за којзнае што.
Сега живееме без нашите две соби и без нашите два јазика. Главната ролја во сите наши семејни претстави речиси секогаш ја добиваат политичарите. Едните или Другите. Македонците или Албанците. Светкавиот дисплеј на смарт бојлерот почна да покажува екстремно високи температури. Фрижидерот екстремно лади. Ни треба поправка. На сите и на сѐ.