Писателот е бард или забавувач?
Во Духовно-културниот центар во Лешок, во Тетово минатата недела се одржа книжевна трибина на тема „Млада македонска литература“ на која земаа учество поголем број млади писатели. Трибината беше организирана од Центарот за култура и културолошки студии, во рамките на манифестацијата „Креативни точки“ наменета за промоција на младите уметници во Македонија.
На трибината се поставија неколку актуелни прашања кои се однесуваат на македонската литература воопшто, но и во контекст на младите литерати, во делот на можностите, потенцијалите, но и проблемите со кои се соочуваат како уметници.
Конструктивна дебата се разви на темата „Како во ерата на вузуелното, книжевноста да добие на публицитет?“, при што младите писатели Ѓоко Здравески и Ана Голејшка го истакнаа книжевниот настан „Астални проекции“ кои се случиле и настанале како резултат на потребата од популаризација на младите литерати, кои немаат многу простор за промоција во класичните медиуми.
Со „Астални проекции“, каде голем дел млади автори се пријавуват и се поттикнуваат да ги прочитаат своите дела јавно, уметниците создаваат свој простор, свое време, за книжевна и духовна експресија, запознавање, презентација. Овие настани не се финансиски поддржани од никого, односно функционираат заради младешката желба, волја, смисла за промена, за изнаоѓање на начини за промоција на младите уметници.
Покрај овој настан, беа споменати и други видови прмоција на младите како 100.000 поети во Струмица, книжевна работилница во Лазарополе, Вечери на Слем поезија кои освен во Скопје се случуваат и во повеќе градови низ нашата земја, за да можат поетите да земат учество на локално ниво, што преставува одличен начин за децентрализација на уметноста, нејзина популаризација, а не елитизација. Како надоврзување на темата за начините на промоција на книжевноста, се потенцираше дилемата „добрата литература во контекст и наспроти добрата интерпретација“, и притоа беше кажано дека за еден уметнички израз особено е значајна формата на интерпретација, каде визуелното и елементот на спектакл треба да се надоврзат. Писателката Калина Малеска на ова додаде дека манифестациите за популаризација на литературата се добри, но дека не треба да се инсистира, не треба да се истакнува во голема мера визуелното, туку самиот текст. За авторот Живко Гроздановски чинот на пишување е најважен, и ги запраша останатите „зар книжевноста сама по себе не е доволна, па мора на неа да се надоврзува визуелното и спектаклот?“. Според Перо Сарџоски кој е писател и поет, режисер и преведувач, пак, контактот со публиката е неминовен, и тој смета дека за време на јавен настан убаво е да се мешаат уметностите (читањето, експеријата, музиката, визуелна позадина). Во контекст на темата, писателката Олиевра Ќорвезировска посочи дека потребна е синергија на уметностите, без преференција на една уметност. И секако, дека најважна е книжевноста, убавиот збор, бидејќи добрите текстови, не секогаш се интерпретираат успешно, и обратно.
„За дополнување на книжевната интерпретација потребна е активност, особен креативен ангажман, елемент кој секако треба да се вреднува“, додаде модераторката на трибината, Лорета Георгивеска-Јаковлева.
Втората тема на која се дебатираше на трибината беше позицијата на уметникот во општеството и притоа се покрена прашањето дали е сменета парадигмата на божествената височина на уметникот наспроти неговата маргинална улога во општеството. Театрологот Мишел Павловски, во контекст на елитната или маргиналната позиција на уметникот даде осврт на уметниците и нивната функција низ историјата, и различните општествени и културни периоди од минатото кога писателот во 19. век за да го потврди елитизмот, бил самиот елита бидејќи пишувал за елитата, за разлика од скомрахите кои биле мултимедијални уметници (поети, актери, музичари, забавувачи). И притоа тој ги запраша присутните на трибината
„дали денес, уметникот, поетот станува бард или пак е забавувач кој е ослободен од просветителскиот елитизам?“.
Секако на трибината се покренаа и прашањата и проблемите околу состојбите во македонската книжевност. Писателката Ќорвезировска кажа дека во последниве години во Македонија речиси не постои книжевна, ниту новинарска критика, и дека врската меѓу творештвото и критиката е изгубена. Таа ја напомена и состојбата околу книжевните конкурси и награди и истакна дека, за жал, квалитетот на делата кои се наградуваат е намален и дека се потребни измени на одредни критериуми при изборот на најдобра книга (расказ, роман,…), а со цел поголема транспарентост при доделата на книжевни награди. Павловски, на ова додаде дека потребно е изнаоѓање на најдобра форма за книжевна награда која нема да биде компромитирана, но сепак истакна дека вредноста е релативна и дека не постојат објективни критериуми за вредноста. Но, потенцираше тој, вредности во дадените услови стануваат наградите, бидејќи како што се согласија младите уметници, заради наградите се зголемува видливоста на книжевното дело пред јавноста. Од страна на младите писатели критика беше упатена кон Друштвото на писателите на Македонија заради долгогодишното неменување на неговата управувачка структура и промените кои треба да се направат за подобро негово функционирање.
За поголемиот број учесници на трибината обидите на младите уметници за нивна промоција преку изнаоѓање нови, интересни, некласични начини (фејсбук, твитер, блогови, читања…) се потребни и единствено можни облици на отпор со цел допирање до јавноста, до публиката. Учесници на трибината беа авторите Оливера Ќорвезировска, Ана Голејшка, Живко Гроздановски, Ѓоко Здравески, Милена Илиевска, Јован Илиески, Томислав Каранфиловски, Ѓорѓи Крстевски, Калина Малеска, Перо Сарџоски, Небојша Стојаноски, Биљана Стојановска, Давор Стојановски, Снежана Стојчевска, и диригентот Ивица Зориќ.
Наташа Илиевска – Таневски
„Утрински весник“