Компјутерска поезија

Компјутерска поезија

Игра со конвенционалното

Во книгата, авторот ги зема добро познатите симболички, митски, фолклорни елементи, стварите од секојдневието, малите парчиња од културата и културното наследство и ги преработува, си поигрува со нив, често ги разложува на значенско ниво, за да ги организира во сопствениот поетски дискурс, добивајќи притоа сосема нови ставови, светогледи, па и нови означители и означувачи. И уште: овој пристап не секогаш е веднаш препознатлив и директен. На тој начин, Ковилоски ги маскира/трансформира нормите, што неговата поезија ја прави динамична, понекогаш цинична, но секогаш читлива и провокативна. Од перформативноста на поезијата до слемот е само еден чекор.

About the Book

Често, отворајќи ја книгата, ја прескокнуваме страницата со посвета или мото. Напрасно! Барем во случајот со „Компјутерска поезија“, Славчо Ковиловски со краткото и духовито тристишие

 

Ја лажам тревата

дека сум поет:

јас сум косач.

 

ја најавува, на свој начин ја определува и концепцијата на стихозбирката, но и својот пристап кон поезијата и творештвото. Она што е најочигледно – Ковиловски сака да си поигрува со конвенционалното размислување, со стереотипите за големината и важноста на креаторот, па така, се откажува од судбината на творецот/поетот, за да прими на себе далеку поскромна ролја: косач. Се чини, јасна ни е понатамошната тематска и структурна определеност на стихозбирката. Косачот, жетварот, неговиот интимен однос со тревата (која ја „лаже“), навидум, нè насочуваат кон фолклорот, чиј елемент е и косидбата и оној што врши дејствието. Но… Косачот е и легитимен митопоетски елемент, носителот на смртта. Дотолку повеќе што во мотото е доведен во директна врска со тревата, односно, со она што треба да биде покосено, кому треба да биде одземено животното начело. Уште повеќе, поетот е само маска зад која се крие вистинското лице на Деструкторот. Иронијата, па ако сакате и цинизмот на ваквата релација е во фактот што тој, Деструкторот се крие зад маската на Творецот/Поетот. Или пак, не станува збор за маска туку за еден, во своето двојство, единствен принцип.

Details
Author:
Series: Стих
Genre: Поезија
Format: А5
ISBN: 9789989191497
List Price: 250 ден.
Endorsements
Мотивите, инспирацијата, цитатите во оваа книга се земени од широкото подрачје на интереси на Ковилоски. Од популарната култура, преку фолклорот и секојдневниот живот до љубовта и митот. Разградувајќи ги и повторно (поинаку) вградувајќи ги во својата поезија на иновативен и креативен начин, Ковилоски се оддалечува, значајно се оддалечува од формалноста и шаблонизирањето на стихот, создава нова, современа поезија, која бара нови изразни средства, нови форми, но, секако, и нови содржини.
– Мишел Павловски
Book Club Resources
About the Author
Славчо Ковилоски

Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски поет, прозаист, книжевен историчар и културолог. Автор е на една збирка раскази („Лоша тетка и други раскази“), една книга критика и есеистика („Отворени страници“), две монодрами („Синот на Волкашин“ и „На Ножот“), три збирки поезија („Сонцето повторно ќе изгрее“, „Поезија во движење“ и „Барутна поезија“), три романи („Опасен сум“, „Сонување“ и „Синот на Кралот“) и неколку монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Хрватското книжевно друштво, на Здружението на историчарите на Република Македонија и на Друштвото за наука, култура и уметност од Прилеп. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и: награда за наука („3 Ноември“), за проза („Прозни мајстори“) и за поезија („Григор Прличев“ и „Јован Котески“). Во 2018 година го добил најголемото државно признание, наградата „Гоце Делчев“ за особено значајно остварување од интерес на Република Македнија од областа на науката.
Работи во Институтот за македонска литература, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.