Еcriture fеminine и романот

Еcriture fеminine и романот

Свеж прилог кон феминистичката теорија на жанрот

Во Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот, дадена е нова перспектива во книжевно-теориското истражување на женското писмо и романот како книжевен жанр. Целта на книгата е да се разгледа пристапот на жените до романот. Тука за првпат се изделени модели на женско писмо во роман како посебни феминистички модели на текст. Темата се однесува на женското творештво. До XVIII век женското творештво е покриено со плаштот на вековната тишина. Во XIX и XX век можеме да говориме за појавата на првите романи на писателките. Во романот како жанр со слободни контури, писателките можат најлесно и најдобро да се изразат себе си и да ја прикажат стварноста. Зошто постои женското писмо? Женското писмо постои затоа што постои женската субјективност. Женскиот субјект пишува преку телото.

About the Book

Оваа книга се состои од теориски дел, интерпретативен дел и заклучок. Структурата на ова дело има форма на женско тело од шест главни органи: уводен теориски дел („нога“) Женска телесна морфологија, среден теориски дел („нога“) Писмо на тишината, главен теориски дел („труп“) Женското писмо и романот, прв апликативен дел („гради“) Модели на женско писмо во роман I, втор апликтивен дел („врат“) Модели на женско писмо во роман II и заклучок („глава“). Главен предмет на интерес во трите теориски глави се: стереотипните слики за женската телесна морфологија, авторките на романи во Европа кои пишувале под машки псевдоними, теориските аспекти на женското писмо во француската школа, телесниот јазик како женски јазик и наратив-ниот глас, одликите на женското писмо како écriture féminine и феминистичките модели на текст. Ги изделуваме следниве три модели на женско писмо во роман како феминистички модели на текст: ткаење на текстот (женска пајажина), герила женско писмо и субверзивно јазично женско писмо. Во четвртиот и петтиот ап-ликативен дел, ќе се задржиме на избран корпус од англиската, француската и македонската литература. Моделот ткаење на тек-стот (женска пајажина) ќе го прикажеме преку интерпретацијата на романите Кон светилникот од Вирџинија Вулф и Куклите на Росица од Оливера Николова. Моделот герила женско писмо ќе биде прикажан преку интерпретацијата на романите Орландо од Вирџинија Вулф и Скриена камера од Лидија Димковска. Моде-лот субверзивно јазично женско писмо ќе биде презентиран преку интерпретативната анализа на романите Љубовникот од Марге-рит Дирас и Помеѓу од Ирена Јорданова. Клучната цел на оваа книга ни беше да докажеме дека откриените три модели на женско писмо во роман се универзално применливи врз романи од светската и националната книжевност.

Details
Author: Марина Мијаковска
Series: (С)мисла
Genre: Теорија
Publisher: ЦККС
ISBN: 9786086572549
List Price: 300 ден.
Книгата нуди соодветна теориска рамка за нејзиното истражување, за понатаму да развие соодветен методолошки инструментариум и, потпирајќи се и на наодите од емпирискиот дел на своето истражување, креира нови модели на интерпретација кои обезбедуваат и проверливост на резултатите, што се заедно ја збогатува македонската теоретска мисла за литературата и интерпретативните пристапи кон македонскиот роман.
– Маја Бојаџиевска
Марина Мијаковска

Родена е во Скопје во 1984 година. Таа пишува поезија, проза, есеистика, литературна критика и научни трудови. Дипломирала и магистрирала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа е доктор на филолошки науки. Во декември 2017 година на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје ја одбранила докторската дисертација Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот. Мијаковска од 2013 година е членка на Друштво на писателите на Македонија. Taa учествувала на многу меѓународни книжевни манифестации во земјава и во странство. Мијаковска се стекнала со неколку книжевни награди во земјава и во странство: „Специјална награда за литературно творештво со високо уметничко ниво со ценети и трајни поетски вредности“ на „Поетски вечери во Корча“ (2012); „Караманов“ (2013); „Македонска книжевна авангарда“ (2013); „Крсте Чачански“ (2014); „Бели мугри“ (2015) и награда „Даница Ручигај“ при Друштво на писателите на Македонија (2019). Марина Мијаковска учествува на научни конференции, предава на работилници за креативно пишување и е водител на книжевни манифестации.

Библиографија
Стихозбирки за возрасни: „Номадска душа“ (2010); „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015) и „Коскена“ (2019).
Стихозбирки за деца: „Новогодишни детски песни“ (2017).
Книги со раскази: „Куќички“ (2014).
Есеистички и научни книги: „Жанровски полимер: Сандаче од ракописи во обид“ (2016) и
„Модели на родовата идентификација“ (2018)
Аудио книги: „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2018)