
Сериозна студија за заменските клитики во македонскиот јазик
Книгата е значаен прилог кон проучувањето на една важна особеност на македонскиот јазик, а тоа е местото на заменските клитики. Македонскиот јазик, според специфичната употреба на заменските клитики, се изделува како во рамките на словенското јазично семејство, така и во рамките на балканскиот јазичен сојуз и поради тоа е важно еден ваков труд да биде достапен и за домашната и за странската научна јавност. Трудот е поткрепен со теориски пристап, а илустриран со примери од македонската литература и од живиот јазик. Особено е значајно што во овој труд е застапен и компаративниот метод, па така, во споредба со околните словенски и несловенски јазици, се согледуваат посебностите во системот на македонските заменски клитики.
Предметот на истражување во овој труд ги опфаќа следниве концепти: дистрибуционализмот како лингвистичко учење; референцијата како средство за упатување (или посочување) реализирана пред сè со заменките; и, категоријата лице. Овие концепти се земаат како теориска рамка низ која се проследуваат поставените прашања што ги засегаат заменските клитики, чија анализа, пак, претставува централен дел во трудот. Имено, Карапејовски одбира три појави кои може да се проблематизираат од аспект на дистрибуцијата на клитиките: а) т.н. ’скокачки клитики’; б) комбинирањето на дативните и акузативните клитики; в) случаите со субјект во прво лице еднина, и објект во вид на клитика во прво лице множина.