
Како со математички термини се прави (добра!) поезија.
Функциите на живеачката, креативно ставени во тригонометријата на постоењето, продуцираат мисловност низ динамичен стих кој е експлозивно згуснат. Песните се отворени и достапни, разбирливи и приемчиви, но има и запрепастувачки песни-минијатури кои шокираат со грандиозноста на мислата, а кои значенски едначат со суштинско-сврзувачките симболи во кодификацијата на математичкиот јазик.
Даниела Андоновска–Трајковска ги повлекува рационалните и ирационалните вредности на Фибоначиевата низа во спектрумот на текстуални геометриски тела-песни за да го демистифицира човекот не само од аспект на антрополошки емпириски и логички позитивизам, туку и од аспект на еден прагматичен светоглед.
„Математичка поезија“ е дефинитивно нешто ново во македонската современа поезија. Поетесата Даниела Андоновска-Трајковска создала лирски јазик во јазикот на математиката. Со еден сосема оригинален манир на поетската анимација таа ни зборува за животот со сите свои парадокси. Нејзиниот израз е стегнат и поливалентен, бидејќи таа гради бескрајна приказна во стихот. Таа никогаш не ја покажува страната во која е содржано премолченото, страната со зборовите коишто ни лебдат над глава како облачиња над дробната црта или над куќата без гласни жици, но затоа пак одеднаш ни кажува за сите нешта кои не сакаме да ни ги одземат.