
Прво издание од ваков вид во македонската лексикографија
Кога теоријата ќе треба да се спроведе во практика, особено при лексикографска работа, доаѓа најтешкиот дел од задачата. Како да се решат разни поединечни случаи? До која мера ќе се оди со противположеност на значењето? И многу други тешки прашања. Тоа е навистина компликувана задача, која авторот Емил Ниами успешно ја решил во овој речник на повеќе од 200 страници со опфатени околу 450 (446) антонимски парови подредени по азбучен редослед. Во предговорот авторот ја објаснува методологијата на изработката и ги дава изворите од кои е ексцерпирана лексичката граѓа, а тоа се околу 200 дела на македонски автори, публицистика, блогови, телевизиски емисии итн.
Зошто некому му е потребен ваков речник, ќе се запрашаат луѓето. Станува збор за една комплексна збирка лексеми во која се прикажува нивната противоположност, односно нивната опозиција што тие природно ја носат со себе во својата основна семантичка поставка. Луѓето кои професионално се занимаваат со јазикот (не станува збор само за лингвисти и филолози, ами и за писатели, наставници, новинари, публицисти), како и оние кои се грижат за својот јазичен исказ, имаат потреба од вакви видови речници, со цел јасно да ја дефинираат својата мисла, да бидат концизни во својот исказ и, доколку им е потребно да прикажат извесна противоположност, ваквиот вид речници ќе им бидат од помош.
