
Прв речник на паронимите во македонскиот јазик.
Паронимите се формално слични зборови во пишувањето и во изговорот, но со различно значење. Токму затоа, во македонската јазична практика многу често се јавуваат грешки во нивната употреба. Затоа, Книгоиздателството Ми-Ан е гордо што може да каже дека го објавува првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик. Во Речникот се обработени пароними кои се зборови со општа употреба, како и термини од повеќе научни области: алгебра, анатомија, архитектура, банкарство, биологија, географија, граматика, економија, лингвистика, логика, медицина, музика, политика и др. Паронимите се подредени по азбучен ред, со објаснување на значењето на секој збор и со примери за нивна употреба во одделни фрази или реченици.
Лексикографскиот труд Речник на паронимите во македонскиот јазик од д-р Емил Ниами има над 200 страници во кои се наведени кратенките (кирилични и латинични) што се употребени во него, и главниот дел, речник на пароними. Паронимите се формално слични лексеми во нивното графичко бележење и во изговорот, но со различно значење. Според лексиката што е обработена, овој речник спаѓа во јазичните посебни речници во кој предмет на анализа се лексеми од одреден лексички слој. Во Речникот се обработени пароними кои може да се општоупотребувани зборови како и термини од повеќе научни области: алгебра, анатомија, архитектура, банкарство, биологија, географија, граматика, економија, лингвистика, логика, медицина, музика, политика и др.
Анализираните пароними се подредени по азбучен ред, потоа следат примерите, кои може да бидат, во најголем број, паронимни парови, и паронимни низи од три или четири лексеми, и на крајот од речничката статија се дадени објаснувањата и дефинициите за одделните примери за да се воочат разликите во нивните значења. Преку дадените примери, по случаен избор, може да се види начинот на нивната анализа на паронимни парови и паронимни низи.
Корпусот на македонските пароними е оформен со користење на постојните двојазични речници, интернетот како и јавните гласила и паралелно, дополнуван со примери од литературата и живиот говор во секојдневната комуникација. Се работи, како што одбележува самиот автор во уводниот дел, за жива материја која постојано се менува: се појавуваат нови пароними и значења, или пак се губат некои од нив. Независно од тоа дали некое значење или лексема е загубена или се појавила нова, со добиените сознанја од користењето на еден ваков речник, секој од нас станува посвесен за можните грешки, па соодветно започнува да се однесува поодговорно и покритично кон сопствениот текст, станува повнимателен во изборот на јазичните средства за правилно оформувања на исказот, со што тој исказ добива значително на квалитетет.
Center for Culture and Cultural Studies Site devoted to Cultural Studies Researches










