
Нежна книга за љубовта и загубата
Откривајќи ја сопствената душа, поезијата на Стојчевска ќе ве натера да ѕирнете во сопствената душа, да се сетите на сопствените блиски, без оглед дали се тие тука со вас или некаде далеку, во некоја друга димензија.
Поетската збирка на Снежана Стојчевска „Ќе се завијам во песни“ на очиглед го поставува автобиографското. Таа го варира мотивот на загубата на таткото, еден од најчестите во светската книжевност. Она што е специфично за оваа збирка, лајтмотивот на светската поезија – загубата на ближниот – го вткајува во вековната македонска традиција манифестирана во обичајот оној што тагува да се завие во црно. Стојчевска овој адет го инверзира. Наместо да ја одбере пасивноста, црнилото и изолираноста, таа го одбира креативното одболување, активноста наспроти помирливоста, поезијата наспроти молкот. На тој начин не само што добиваме Песни со голема почетна буква туку добиваме и своевиден споменик на човекот по кого се тагува. Тој е тука, во нејзините песни, во нејзиниот исказ, во книгата. Уште повеќе, Таткото во книгата е најконкретно присутен – преку факсимилите на неколку негови песни се прави креативен спој меѓу двете поезии, така што Татковите песни можат да се исчитаат како интертекстуална предлошка на песните на Ќерката. Во збирката се застапени три поетски циклуси: „Не- видлива битка“, „Премостување“ и „Писма од морнарот (кој нема да се врати)“.