
Книгата опфаќа повеќе статии посветени на историското зборообразување
Книгата на д-р Наталија Андријевска „Прилози за македонската глаголска префиксација – традиција и континуитет“ претставува значаен придонес за проучувањето на историското зборообразување на македонскиот јазик, со што се потврдува континуитетот на писмениот јазик од црковнословенскиот период до денес.
Трудот обработува материјал што се однесува на префиксацијата на глаголите застапени во старите македонски ракописи ексцерпирани за проектот „Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција“. Имено, префиксацијата како еден од начините на збогатување на речничкиот фонд има мошне значајно влијание во историскиот развој на македонскиот стандарден јазик. Структурно речиси секоја статија содржи ист методолошки пристап на проучување. Најпрво се опфатени значењата што ги внесува префиксот при зборообразувањето на глаголите, а потоа се изделени спецификите на македонскиот материјал во споредба со канонските старословенски ракописи, како и новите значења што наоѓаат одраз и на современ план. Темелните истражувања за секој префикс одделно даваат издржани заклучоци во врска со континуитетот во префиксната деривација на глаголите, почнувајќи од старословенскиот, преку црковнословенскиот, сè до стандардниот македонски јазик. Притоа се нагласени новите тенденции што се резултат на понатамошниот јазичен развој.