Вода
доаѓам
во своите чизмички
со ситни чекори
шлапам
во секое вирче на патот
во кал
доаѓам
се враќам
цврсто
силно со нозе в земја удирам
во кал
во вода
насекаде вода
таа вода во мене
немирна
нескротена
од поројни летни бури во месингов сад собрана
па во мене истурена
каллива и таа
отстојана
пожолтена
дождовница
солена
сите мои солзи во неа
сите твои солзи во неа
сите солзи
за зајачето
за мачето
за петлето
за мене
за тебе
за сите
сите солзи
сета вода
сите бури
сите нестабилни молекуларни соединенија
сета вода и сода за свински сапун растворена во неа
првата вода во која се варел гравот
првата вода истечена пред да ме родиш
последната вода во која ја капевме баба
сета вода
повикана со додолските песни
сета вода
сета кал
таа земја
од чие ребро сме настанале
сета вода
која замрзнала
па се растопила
сета вода што испарила и кондензирала
сета вода
на таа улица
во тие калливи вирчиња е собрана
под мои нозе послана
јас сум громот што ќе ја оплоди
јас сум таа што
со ритам ќе ја разбуди
удирам
компонирам
диригирам
сиот тој џез во мене
во моите нозе
во моето тело
со водата
музика
создавам
од твојот блуз да те извадам.