Ѓоко Здравески: Песна

кој сум и кој сакам да бидам

однатре:

вриштам по тебе!
во мене деца фрлаат
петарди од терасите.
во мене прштат
панаѓурски огномети.
се вртат рингишпили и
балерини прават пируети.
цели јата папагали
прелетуваат низ мене.
во мене цели универзуми
се судираат и од нивните
експлозии се раѓаат нови
и нови бои што моите
очи не ги препознаваат.
во мене цела една толпа
викачи во пустината
го извикува твоето име.
деца креваат два прста
потстанати од столчињата
и врескаат: мене!
мене! мене! во мене
надоаѓаат води и цели
градови носат со себе.
луѓе плачат, преколнуваат, коси
кубат, на колена со дланките
отворени и погледи вперени кон
небото. за спас молат. во мене лавови
рикаат и лава ми извира
од коренот на трупот.
ме поплавува.

однадвор:

дишам спокојно и длабоко.
со левата дланка правам бавни
кружни движења над десната
имитирајќи го времето. си играм
со бројаницата, си ја чепкам брадата
и си ги сукам мустаќите. зборувам мудро
и полека. гласот ми е заводлив. ѕвонлив.
речиси тивок. зборувам за вечноста
и конечноста. зборувам за љубовта
како премин. зборувам за бестелесност
и минати животи. зборувам за куќи,
соѕвездија, планети. симнувам ѕвезди,
исполнувам желби. и слушам
внимателно. присутен сум во молкот.
заборавам на волкот во себе и наивно
верувам дека не сум само привид
во твоите очи.