Томислав Каранфиловски: Песни

Ќеиф

Често, стариците клошарки од моето маало
сонуваат дека водат љубов
облечени во розеви чорапи.
Веднаш по чинот на спојување,
Ги соблекуваат чорапите
И се облекуваат до гуша
Смрзнати од студ.
Тогаш се будат.
Имаат сè на себе, само не розеви чорапи.
Се случува, некогаш, некои од нив
Да бидат најдени, по неколку денови
Од смртта,
голи,
а сосема среќни
(велат лицето ги издавало),
со розеви чорапи на себе само.
Тогаш, само тогаш имаат надеж тие
повторно да станат без да се гушат,
облечени во розево до двата глужда.
Во твојот храм светлината паѓа
во тешки снопови мирно дишење.
Не постои нешто кое може да се скрие
при една наивна средба на две судбини кога молат.
Во секој поглед кој си ти,
се препознаваат слики на животи
во среќа и несреќа однесени.
Секој камен има твој отпечаток
и секоја мисла го поседува знакот на твојот гнев.
Секоја песна има ритам во кој струјат гласните жици
На твојата храброст, слабост и борба.
И оваа есен мирисите на ноќните испарувања
потсетуваат на денот кога запознавањето
со тебе беше симбол на проклето знаење
и сурова мудрост.
И во ова вино има по нешто од твојата горчливост
Кога се освојува најтешкиот збор до болка по двапати.
Во пепелта има изгорено сонце од твојата уморна самотија,
а во утробата на денот спие здивен ѕвер кој те сонува
со полна челуст безусловна љубов.

Во мене и од мене
само копнеж и по малку тага за синот што без остаток
ќе ги отплете најтемните простори на твојата милост.
Во твојот храм сѐ уште се будам со проголтана казна.
Сѐ уште светлината паѓа во тешки снопови мирен здив.
Во твојот храм и денес живее детинест бог кој те сака.
Во твојот храм има уште душа, мир и спокој од вина.

***

Двоколка од сина молња ти се расплускува во градите.
Гладна си ноќва. Гладна.
Ова е последната ноќ пред да замине
Тој за кој ти веќе умре.
Сѐ крцка во мислите прободени со горчлив опит.
Се местат чекорите
во точниот размер на местото
од каде што љубовта ќе се одболува
двапати.
Нешто боли, времето стои.
Во зениците на стравот веќе гори телото.
Сѐ е скршено со крајна внимателност.
Нема да го заборавиш очајот на младиот месец.
Биди силна си велиш, легни, згрчи се и
памти,
пламти,
пати…