НИКОЈ НЕ МОЖЕ ОД СЕБЕ ДА СЕ СПАСИ
Ти си борец за човекови права
а јас, само за своите…
А како би била за туѓите
кога пред очи две врапчиња
зграпчија недолжен скакулец
А јас неодлучно гледајќи
дали да му помогнам
си реков – таков е законот на природата
Ако го спасев скакулчето
ќе ги изгладнев пилињата
кои можеби имаа подмладок
Се утешив. Си помислив
дека можеби скакулчето
пред малку изело две мрави
кои исто така имале свој подмладок
СИТЕ ЉУБОВИ СЕ КАКО ЧЕВЛИ
Сите љубови се како чевли
Оние што внимателно ги чуваме
облекувајќи ги само во свечени пригоди
остануваат неизносени, а веќе се смалиле, стесниле,
не сме дозволиле да исчезне нивната убавина
но се неупотребливи
а се прекоруваме што почесто
не сме уживале во нивното обување
Оние пак кои со голема радост
секојдневно ги обуваме
секојпат одново уживајќи во нив
најбрзо ги изветвуваме, излитуваме
ги дотрајуваме и на крајот ги фрламе
жалејќи што не сме си купиле
два пара од истите
да ни траат подолго
да ги имаме во резерва
да нè радува идејата дека
ќе можеме да ги обуеме
секогаш штом посакаме
Најдолго траат всушност оние
што најмалку ни се допаѓаат
па ги поттурнуваме понастрана
ги зафрламе во внатрешноста на орманот
ги забораваме со недели, месеци, години
за по многу време да сфатиме
дека тие секогаш биле тука за нас
иако ние сме ги заборавиле, зафрлиле
и никогаш со радост не сме ги обувале!