Иван Антоновски: Песни

Не прекорувајте ме затоа што сега не пишувам

Не прекорувајте ме
затоа што сега не пишувам
– сега само читам
што напишале другите.

Ги критикувам,
се воодушевувам
или останувам рамнодушен
– живеам во туѓите текстови.

И знам – ако сега напишам нешто,
тоа нема да биде мое
– ќе бидам само потстанар
во стан со туѓ имотен лист.

А потоа, ако во станот
се чувствувам како да сум дома
ќе сакам да ја сменам бравата
од неговата влезна врата.

Сопствениците се покојни
и немаат пород
– ќе мислам оти ќе нема кој
да ме избрка.

Сѐ дури не дојде некој што сака
да живее во истиот стан
или дури не ја срушат зградата
за на нејзиното место да изградат нова.

Тогаш ќе немам од што
да го платам данокот за годините
минати во станот што не би можел
да го оставам во наследство.

И ќе постанам обичен питач
што преноќува во јавни библиотеки
и моли за исушен леб завиткан
во искинати страници од туѓи книги.

Не прекорувајте ме
затоа што сега не пишувам…

Песните сами себеси, наизуст се изговараат

Домашното воспитание
не ми дозволува да крадам.
А само од просторот
сместен меѓу туѓите редови
низ кои по неколку пати минуваме
може несвесно да се украде.

Да се украде дури и она
што во тој простор го нема,
оти таму нема ништо поприсутно
од неговото отсуство.

Oд таму може да се украде
и она што меѓу тие редови е туѓо,
и она што таму не припаѓа,
ама тоа не значи дека е мое
за да го понесам со себе,
туку на оној што
не си го бара назад
– на оној кому не треба да му се врати.

Седнувам да пишувам…
Се присетувам на лекциите
по домашно воспитание:
не кради, не лажи, не посакувај туѓо…

Потем се обидувам
пред да почнам да пишувам
да заборавам некои песни, ама…

Среде обидот за заборав,
во мене, песните сами себеси,
наизуст се изговараат.
Кориците на тефтерот
ми остануваат неотворени…

Тешките соништа најбрзо се забораваат

Многу одамна сонив
како еден стих ме прогонува.

Во сонот се обидов да бегам,
а бев свесен дека
е посилен од мене.
Бегав за да соберам храброст
за мигот во кој ќе ме стигне.

Сонив дека по патот
има и други,
ама нив ги одмина.
Сетив: само мене ме гони.
Стигна до мене,
ме повлече со сета сила
и ме ничкоса во безсознание.

Се разбудив, станав
и се обидов да го запишам
– тешките соништа
најбрзо се забораваат.
Само на веднаш запишаните
може да им се открие значењето.

По изгрејсонце се обидов
да го најдам.
Не успеав….
Од тогаш, пред секое заспивање
и по секое будење го барам.

Ги прелистувам тефтерите,
го барам меѓу книгите
што им тежат на полиците,
со поглед се обидувам
да го најдам по ѕидовите,
го барам и по плочките на подот
– знам, не постои место на кое
не може да се запише стих.

Наоѓам многу други
што некогаш ме мачеле
и ми го кршеле сонот,
а потем ме разочарале.
Но… него го нема
– не успевам да го препознаам.

Не знам – не сум успеал
да го запишам онаков
каков што го сонив
или и мигот кога го запишав
е само дел од сонот.

Сакам пак да го сонам,
но веќе ретко успевам да заспијам.
Собирам храброст за да ја имам
пред повторно да ме стигне.

Мислев дека успеав да напишам песна

Минатата есен мислев
дека успеав да напишам песна.
Потем ја затворив в тегла.
Низ стаклото се наѕираа
само датум и наслов.

Теглата не ја затворив
до крај
– песната треба да дише.
Ја однесов в подрум
– да самува дури не сетам
дека ѝ дошло време
да биде отворена.

И знаев:
ако некогаш не сетам
дека дошло тоа време,
сигурно ќе ја најдам
тогаш кога од подрумот
ќе ги исфрлам непотребните работи.

Зимава сетив дека во подрумот
мириса како на тегла со зимница
во којашто си заборавил
да ставиш есенција.

Ја отворив теглата и
ја исфрлив сета насобрана мувла
што не ми дозволуваше
на дневна светлина
да го прочитам напишаното.

Страв ми е
да чепнам во она
што остана под неа…
Би сакал да може
теглата, пак да биде затворена.

Кога силувам песна

Ми се случува
да се фатам како силувам песна.
Тогаш запирам, го фрлам пенкалото
и песната ја оддалечувам од мене.
Се надевам дека некогаш,
можеби ќе продолжи спокојно да живее.

Мигновно ме обзема страв,
но не од помисла дека можеби
некој ме видел,
ниту од помисла дека можеби
некој ќе насети што сум сторил.

Стравувам од песната
– таа вечно помни
сѐ што преживеала.
Порано или подоцна,
самата ќе ме казни
– нема да го чека туѓиот суд.

Затоа бегам од таквата песна,
ама таа не мирува дури
не се одмазди
– кога најмалку ја очекувам,
ми доаѓа пред очи за да ми ги покаже
лузните што останале во неа.
Сфаќам: таа никогаш не ќе може
спокојно да живее.

Тогаш посакувам да ѝ ги скратам маките
– ја кинам на парчиња и ја фрлам
во црната вреќа со домашно ѓубре.

Кога гледам како ѓубреџиите
ги празнат контејнерите,
започнувам да стравувам
дека некогаш ќе ми се суди
за убиство на песна
што требало да живее.

И тогаш… ете ја – ми се јавува.
Стих по стих, лизна по лузна
ми минува низ мислата и пак
ми се појавува пред очи.
Како да сака да ми рече:
еве ме, тука сум…

Таа ли е, сѐ уште ли некаде е жива
и не ми се има одмаздено до крај
или само ми се присторува
– не можам да бидам сигурен.
Стравувам да размислувам за тоа.

* * *

Ама веќе не стравувам
дека некогаш ќе ми се суди
за убиство на песна
што требало да живее.
Ако сум го сторил тоа,
самиот веќе сум си пресудил.