Човек ќе се роди
ќе му дадат име
ќе го заковаат за некакви одредници
географски
бројчани
ќе му кажат – верувај во ова
не верувај во она
мрази го секој што не е како тебе
сакај го ближниот свој
Ќе се роди
и ќе умре, чекајќи
некое ново небо
безгранично топло
како првата прегратка
на Мајката Земја
Ќе се родиш и тераш
точак
кола
проблеми
први заби и последни пелени
се сонуваш себеси
дека можеше да бидеш подобар од ова
а пак немаш платено рата од кредит
сонуваш во пар
а на вратата ти стои табличка со едно презиме
мируваш а бранови те носат
тонеш во побуди
и заблуди
Човек ќе се роди
и пред да се сети дека треба да живее
тој умрел
оставајќи ги саксиите цвеќе
ненавадени
душите што ги љуби
ненасадени
ѕвездите што ги гледал
засрамени.
Затоа:
Живеј.