Warning: Declaration of tie_mega_menu_walker::start_el(&$output, $item, $depth, $args) should be compatible with Walker_Nav_Menu::start_el(&$output, $item, $depth = 0, $args = Array, $id = 0) in /home/cultcent/public_html/mk/wp-content/themes/sahifa/functions/theme-functions.php on line 1966
Стјуарт Хол (1932-2014): Заминувањето на хипстерот | Центар за култура и културолошки студии

Стјуарт Хол (1932-2014): Заминувањето на хипстерот

hallВо понеделникот почина Стјуарт Хол (82) еден од основачите на културолошките студии. Меѓу највлијателните мислители на денешницата, Хол академските расправи ги насочи кон прашањата за идентитетот, медиумите, заемното дејство на културите, расата, родот…
Веста предизвикува очекувана, човечка емоција, кога ќе замине некој кој, чиниш, го познаваш. Преку неговите книги и текстови. И тоа не е чудно. Чудно е што кога разбрав за смртта на Стјуарт Хол, не се сетив на тоа дека тој е еден од татковците на културолошките студии, дека е основач и прв главен уредник на New Left Review, не се сетив на многубројните негови книги и текстови кои сум ги читал и често цитирал. Се сетив на она што некако само се наметнува како прва асоцијација кога го читаш Хол, а едновремено е и еден од основните постулати на културолошките студии: размислување-дебатирање-делување. Во тие три збора е содржано разбивањето на себезатворената, па ако сакате, и себедоволната Академија која „бира“ што ќе проучува, која живее во старите кабинети и уште постарите теории и еднаш засекогаш дадени „дозволени“ („достојни“) теми и полиња на проучување.
Стјуарт Хол е роден во Кингстон, Јамајка во 1932 година. Во јануари 1960 година излегува првиот број на New Left Review, кој го уредува Хол. Списанието е окарактеризирано како „знаменосец на западните леви интелектуалци.“ Под раководство на Хол NLR е преокупирано со популарната култура. Во 1964 Хол, по покана на Ричард Хогарт, се приклучува кон Центарот за култура и културолошки студии во Бирминген. Во 1968, по заминувањето на Хогарт, станува директор на Центарот. Во негово време Бирмингенскиот центар ја радикализира својата дејност и го проширува истражувачкиот интерес од литературата кон масовната и популарната култура. Стјуарт Хол заминува од Бирминген во 1979 година и станува професор по социологија на британскиот Отворен универзитет. Се пензионира во 1997.
Веста за смртта на Хол ме наврати на текстот на Тим Адамс во лондонски Обсервер, објавен минатото лето. Адамс потсетува колку младиот хипстер, штотуку пристигнат во Британија од Јамајка, отскокнува од британската академска средина. Со брадата како онаа на Че Гевара. Со бојата на својата кожа. Со енергијата и ставовите што ги носи.
Хол е еден од силните гласови на мултикултурализмот, без оглед на контроверзноста на поимот. Тој е еден од оние кои Академијата ја извадија од лушпата на елитизмот и ја свртеа кон прашањата кои и денес се актуелни – популарната култура, кодирањето/декодирањето, масовната комуникација… Прашањата за хегемонијата и за идентитетот, за употребата на моќта и за медиумите, на кои Хол работеше, се актуелни и денес, и тука.
Хол, во својата работа, практична и теоретска, никогаш не бегаше од политичкиот ангажман. Науката, културолошките студии, за него не можеа да бидат затворени во лабораториите на универзитетите и меѓу кориците на книгите. Токму како во синтагмата размислување-дебатирање-делување. Размислувањето и дебатирањето, без делувањето се напразно потрошено време.
Мишел Павловски